Saturday, November 18, 2006

Полиција

Полицаец немам видено со месеци. Полицајци ми недостасуваат. Полицајци сакам да видам во моето маало, во мојата населба, во трговскиот центар кој е во моја близина. Сакам да ги видам на улиците на градов.
Полицајците ми требаат како насушен леб. Ми требаат за да ги предупредат децата, пред влезот на мојата зграда, дека петардите се опасни, да дискутираат со нивните родители и да ги уапсат оние што ги продаваат. Ми требаат за да ги запрат и казнат(уапсат) оние мали(и малку повозрасни) лигуши кои мислат дека треба во 2 часот на вечер(на сабајле) да ги јачат колите баш под собите на нашите деца и возат со огромни брзини на секоја и малку поправа улица. Да напишат казна на секоја кола која е паркирана на тревниците и да поразговараат со нас за безбедноста во нашата зграда и населба.
Ми треба оној полицаец кој порано беше дел од живата слика на уличките и населбите во некој замислен реон. Тој полицаец кој ги знаеше сите деца, знаеше кој се нашите родители и кој понекогаш служеше за заплашување кога не сакавме да јадеме или да појдиме да спијаме. Кој секогаш кога ќе се случеше некоја кражба или вандализам, знаеше кој може да биде кабаетчијата.
Сега полицајците ги нема. Не знам каде се и не знам за што се користат. Не знам дали и воопшто одат на работа или си седат дома. Можеби кога ќе се појават на работа ги ставаат во некаква капсула во која што не течи време и ги вадат по 8 часа, кога треба да заминат дома. Можеби на овој начин рокот на траење на полицијата ќе се зголеми за една третина.
Стварно не знам.
Стварно, каде е полицијата?

No comments: